Вариво со ќофтенца од месо
- rubinirubin
- Jan 9, 2020
- 2 min read

Фино вариво со компири, зеленчук и мали ќофтенца од месо …
Потребно е: 1 кг компири 2 поголеми страка праз 3 моркови малку корен од целер малку свеж босилек 1 лажица пире од домати сол мелен сув зачин масло за готвење
за ќофтенцата од месо: 300 г мелено месо 1 јајце брашно по потреба 2 чешниња лук, ситно сецкани сол и бибер масло
и уште: 1 лажица брашно 1 лажица мелена црвена пиперка
Подготовка: – Прво подгответе ги ќофтенцата. Во еден сад ставете ги месото, јајцето, исецканиот лук, сол , бибер, 2 лажици масло и 1-2 лажици брашно. Измесете ја смесата со рака за да се поврзат сите состојки. Покријте ја со фолија и оставете малку да отстои.
– Празот измијте го убаво и сецкајте го на поголеми парчиња. Истото направете го со морковите и целерот. Ставете ги во тенџере во кое претходно сте ставиле малку масло и динстајте ги додека не омекнат.
– Компирите излупете ги и исечете ги на коцки. Додадете ги во тенџерето, посолете и додадете 1 лажица мелен сув зачин. Неколку минути динстајте со внимателно мешање за да не ви се распадне зеленчукот.
– Сега во тенџерето сипете вода да биде два прста над компирите. Оставете на тивко да се вари.
– За тоа време од смесата со мелено месо правете мали ќофтенца, увалкајте ги во брашно и ставете ги да се пржат во тава на загреано масло. Постојано превртувајте ги за да се испржат од сите страни. во тавата додадете 1 лажица брашно и 1 лажица мелена црвена пиперка и уште малку пржете (пазете црвената пиперка да не ви изгори затоа што ќе горчи). Содржината од тавата сипете ја во тенџерето кај компирите.
– Полека измешајте ја целата содржина и додадете сецкан босилек и 1 лажица пире од домати. Варете уште 10-тина минути. Ако е потребно уште вода или зачини додадете ги додека се вари јадењето.
– Ова вариво послужете го врело.




Comments