
Тој никогаш ја немаше удрено. Барем не видливо. Всушност никогаш немаше кренато рака на неа. Но, душата ѝ беше цела во модрици. Гледано однадвор, тие беа совршен пар. Хармоничен и на место. Тој секогаш дружељубив, духовит и полн со одговори. Таа секогаш беше насмеана и тивка, освен кога требаше со гласна смеа да ја надополни неговата шега. Со текот на времето, видов дека не ѝ е баш толку смешно. Дека има нешто во тој совршен свет што не е сосема на место и тоа го препознав во нејзината уморна насмевка. Тие беа далеку од хармонични.
Но, која сум јас да проценувам и да имам мислење кога не сум внатре во тој свет? Така и престанав да обрнувам внимание на нив двајца кога се среќававме на заедничките собири со друштвото. Тоа беше така сѐ до моментот кога случајно се сретнавме во продавница. Стоеше задлабочена пред фрижидерот со месо, а целата беше некако стуткана. Ми возврати на поздравот и само за момент ја видов неа – каква е без него. Она што тој направил од неа, а не каква е таа. Во тој поглед ги видов сите модрици, сите недоволно засолени ручеци, недоволно убаво испеглани кошули, недоволно исчистени чевли, недоволно добри деца, недоволно оригинални идеи, недоволно брзо мешање со колковите во креветот, недоволно исчистен тоалет.
„Еј здраво. Еве бирам некое добро парче месо. Тој баш сака кога јас го зачинувам.“
Се извлеков од канџите на нејзината одглумена среќа и побрзав на улица. Им ги симнав маските и малку подобро ги погледнав. Однадвор гледано, тие навистина беа совршен пар, но само ако гледаш површно. Не беа синхронизирани дури ни во лагите. Тој секогаш беше разговорлив, сакаше да влетува во збор, нападно зборуваше, секогаш беше најпаметен, за што и да се зборуваше. Таа секогаш имаше една наместена насмевка на лицето, тивка, гласна само кога се смее на неговите шеги, инаку како би знаеле луѓето дека е добра сопруга?
На почетокот правеше сѐ само за тој да знае дека таа е добра сопруга, жена, домаќинка, мајка. А тогаш сфати дека тој никогаш нема да го знае тоа. Дека во неговите очи таа никогаш нема да биде тоа. Дека сѐ што прави едноставно не е доволно за него. И тогаш единствено што ѝ преостана е дека ги натера другите да го видат тоа што тој не го гледаше. Почна да мисли дека сѐ е нејзина вина, а тоа најдобро го виде кога тој почна да ѝ објаснува дека нешто не е во ред со нејзиното семејство. Мајка ѝ е ваква, татко ѝ е онаков, сестра ѝ – без коментар. Цела фамилија ѝ е чудна – барем така ѝ викаше. А дали таа видела какво е неговото потекло? Па таа треба да е среќна што тој баш неа ја одбрал!
На почетокот, кога тој ја избра неа, на никој не му беше јасно што ќе прави таа со него. Тие беа два различни света кои тој ги приближи преку комплименти, ласкање, ситни подароци и крупни животни исповеди. Ја фати на добрина, на финтите од типот: „Ти мене ме спаси“. А на тоа најлесно паѓаат жените. На идејата да бидат спасени или тие да ги спасат нивните принцови на бели коњи. А како и во секоја модерна приказна која почнува со лажење и во оваа приказна од принцот остана само коњот.
Од комплиментите останаа само подбивните коментари: „Подобро да читаш некој готвач отколку тие твои романи. Секој ден јадам одвратни манџи!“ Потоа следуваше: „Малку си се опуштила, види го салово на твоите колкови! Подобро да земеш да работиш малку низ дома, а не само да дремеш на интернет!“
Или како ја убедуваше дека е лоша мајка: „Оној твојот син пак доби тројка на тестот по математика. Па добро бе, дали ти правиш нешто со децата додека јас крваво работам за семејството?“ Едно крваво, а бе што да ти кажувам. Работеше една обична канцелариска работа и повеќе време поминуваше на пауза отколку на работно место, додека таа трчаше од ноќна смена во болницата за да стигне да купи месо за ручек.
Никогаш не ја удираше онака видливо. Никогаш немаше кренато рака на неа. Но, целата душа ѝ беш во модрици.
Кога последен пат се видовме на една слава сфатив една работа: тие двајца не се од оние пароци кои завршуваат на страниците на црна хроника, иако упорно, од ден на ден, прават злостор. Тој ја убива, а таа се смешка. Недоволно храбра за да си оди. Доволно изманипулирана за да верува дека нема причина за да си замине.
Па тој никогаш ја нема удрено!
コメント